Универзитет ,,Гоце Делчев'' Штип
Факултет за информатика
Центар за електронско далечинско учење
Стоматогнатниот систем, односо органот за џвакање е анатомскофизиолошка компонента на човечкиот организам и претставува високо организиран комплекс, составен од горната и долната вилица (maxilla ete mandibula), забите (dentes) со потпорните ткива (дезмодонт), виличните зглобови (articulatio temporomandibularis), џвакалните мускули, крвните садови и нервите.
Забите како дел од системот за џвакање, имаат бројни фукнции. Основната функција им е џвакањето, односно механичката обработка на храната и нејзиното подготвување за варење. За таа цел се приспособени одделни групи на заби со нивните анатомско-морфолошки карактеристики. Освен тоа, забите се неопходни за правилен говор и придонесуваат за естетскиот изглед на индивидуата. Забите се сместени во коскени чашки ( alveoli dentales ) на алвеоларното продолжение на горната и на долната вилица.
Алвеоларното продолжение, од надворешната и од внатрешната страна, е изградено од компактна коска, а помеѓу нив се наоѓа слој од спонгиозна коскена супстанција.
Млечна дентиција
Млечната дентиција (dentes decidui s. lactici) или првата генерација на природни заби е привремена бидејќи има свој одреден функционален период, по кој забите испаѓаат и се заменуваат со соодветни заменици од трајната дентиција. Млечните заби во усната празнина се појавуваат во шестиот месец од животот на детето и нивното формирање трае до крајот на втората година. Во овој временски период никнуваат 20 млечни заби (8 инцизиви, 4 канини и 8 молари) . Забите од првата дентиција никнуваат по ред и распоред, односно по хронологија која ја сретнуваме во ориентационите табели на Shour, Massler, Kronfeld, Logan, Mc Coll и др.
Трајна дентиција
Трајна дентиција (dentes permanentes s. adulti) или втора генерација на природни заби, е вечна, бидејќи трае до крајот на животот. Во усната празнина трајните заби се појавуваат во шестата година од животот. Избивањето на првите трајни заби не е условено со испаѓањето на млечните заби, туку со правилниот раст и развој на вилиците и со постоењето на нивниот никулец. Всушност, првиот траен заб, односно првиот молар никнува во присуство на млечните заби, а неговото место се наоѓа зад млечната забна низа. Меѓутоа, никнувањето на трајните заби, кои се заменици на млечните заби, е условено од ресорпцијата на корените на млечните заби. Тие се расклатуваат и испаѓаат, а нивното место го заземаат нивните заменици од трајната дентиција.
Според ориентационите табели на Schour, Massler, Kronfeld, Logan, Mc. Coll и др. забите од трајната дентиција никнуваат по редоследот и редот што е прикажан на сликата.
Разлики меѓу млечните и трајните заби
Во суштина, млечните заби по своите анатомски и структурални карактеристики се многу слични на трајните заби, меѓутоа постојат одредени специфичности по кои тие меѓусебно се разликуваат. Најважните разлики можат да се групираат во неколку категории.
- Бројот на забите. Има 20 млечни заби класифицирани во три групи (инцизиви, канини,молари). За разлика од нив, има 32 трајни заба класифицирани во четири групи (инцизиви, канини, премолари и молари). Всушност, има помал број на млечни заби и недостасуваат:групата на преткатници и третите молари во моларната група.
- Големината на забите. Млечните заби по своите димензии се помали од трајните заби. Нивната големина всушност, одговара и е сразмерна на големината на вилиците на детето, како и на нивната функција.
- Боја на забите. Млечните заби се посветли од трајните и имаат карактеристична сивкаво-бела боја или млечно-бело боја, како резултат на помалата транспарентност на глеѓта, а за разлика од нив, трајните заби имаат жолто-бела боја.
- Дебелината на забните супстанции. Млечните заби имаат 50% потанок слој глеѓ и дентин во однос на трајните заби и кај нив просечната дебелина на глеѓ изнесува 1mm, додека на дентинот варира од 1 до 3 mm, во зависност од локацијата на забната коронка. Освен тоа, пулпината шуплина (cavum pulpae) е силно развиена.
- Абразија. Млечните заби имаат многу голема абразија на забните супстанции, бидејќи геѓта и дентинот се помеки и потанки во однос на трајните заби.
- Периодонциум. Во периодонталниот спациум има помал број но и неправилно распоредени Шарпееви влакна, па затоа млечните заби се полабаво врзани за алвеоларната коска и се по подвижни.
- Корени. Корените на млечните заби се 1.5 - 2 пати подолги од коронките, но и потанки. Карактеристично е што корените на млечните молари покажуваат изразите дивергенција, бидејќи никулците на трајните премолари се наоѓаат помеѓу нивните корени. Врвовите на корените на млечните инцизиви и канини се свиени лабијално, со што се овозможува поголем простор за развој на никулците од трајните заби.
No comments:
Post a Comment